Четворица Британци упаднале во електронската комуникација меѓу фирма од Радовиш и фирма од Лондон и со лажни фактури на нашава успеале да ѝ извлечат 250.000 евра од август до декември лани.
Тие направиле измена на сметката на која радовишката фирма требало да ги врши плаќањата, а потоа само ѝ пуштале со погрешен број на сметка за уплата.
Хакерите се лоцирани преку меѓународна правна помош, од страна на британските власти. Според законот, мора во Македонија првин да се отвори постапка за оваа компјутерска измама, бидејќи делото е сторено тука, оштетената фирма е одовде.
Како и каде ќе им се суди на осомничените, за кои полицијата поднесе кривична пријава, а обвинителството отвори истрага, ќе се знае во понатамошниот дел на постапката. Обвинение ќе поднесе ОЈО Струмица.
„Осомничените во повеќе наврати извршиле неовластен упад во електронската комуникација помеѓу правен субјект од Радовиш и правен субјект од Лондон и со менување и прекривање, односно пренасочување на компјутерски податоци, доставиле лажни фактури на кои извршиле промена на сметката на која требало субјектот од Радовиш да изврши уплата. Врз основа на вака изготвени лажни фактури правниот субјект од Радовиш извршил 4 уплати на различни сметки во банки во Велика Британија, за кои преку меѓународна правна помош е утврдено дека се сопственост на четворицата осомничени од Велика Британија. Со стореното дело осомничените се стекнале со противправна имотна корист во висина од 15.006.000 денари, на штета на правниот субјект од Радовиш“, вели МВР.
Во вакви случаи кога кривичното дело е сторено на наша територија од страна на странски државјани, без оглед дали географски биле тука или не, постапка треба да отвори нашето обвинителство, а за тоа се известува матичната држава на осомничените/обвинетите.
Може тука да им се суди, но ако не доаѓаат а се уредно поканети, предметот се предава на обвинителството на нивната држава и таму продолжува постапката. Има опција и да им се суди во отсуство, или од првиот ден таму да почне судењето, во случајов во Лондон.
Ако бидат осудени, овие хакери од Британија ќе треба да ја обесштетат радовишката фирма што ја измамиле.
С. К. ДЕЛЕВСКА