Новинарот на Радио Кочани Илчо Лазаровски синоќа учествуваше во гасењето огромниот пожар поради кој во опасност беше целиот град и населбата во која живее. Се наоружал со лопати за гасење во едната рака, а во другата со опремата преку која директно ги пренесуваше случувањата од пожарот на програмата на радиото.
„Само што забележав дека нешто над градот се шири чад, веднаш ги напуштив гостите кои беа кај мене дома за именденот и празникот Илинден. Им се извинив и заминав кон ридот. Населбата ја викаме Бејрут, и кога чадот високо се надвисна над населбата градот личеше како на градот Бејрут во неговите најлоши денови. Колку повеќе се приближував кон ридот, уште повеќе се ширеше густиот чад, а се повеќе се појавуваа и високи пламени јазици“, вели Лазаровски.
Иако задишан, успеал веднаш да воспостави интернет врска со локалното радио во кое работи повеќе од 30 години.
„Глетката беше стравотна. Луѓето беа во паника, едни бегаа од чадот да не се задушат, други со метли земјоделски алатки, пумпи со вода се упатуваа кон пламенот кој веќе доаѓаше кон нивните куќи. Се слушаа хаотични гласови, целиот град ќе се запали, друг жител се јавува на својот роднина во село веднаш да дојде на помош оти куќата ќе му отиде. Сепак, добро е што и во целата паника со цел да се спасат имотите и живеалиштата луѓето пак успеаја да се самоорганизираат. Кога веќе пристигнаа противпожарни возила граѓаните малку се смирија, но пак заеднички учествуваа во гасењето“, вели Лазаровски.
Лазаровски долго во ноќта беше на терен затоа што пожарот само делумно беше локализиран иако во гасењето учествуваа голем број противпожарни екипи. Тој е задоволен што главната опасност е отстранета и најмногу е воодушевен од самоорганизраноста на жителите кои на сите можни начини успеале самите да ги одбијат првите огнени напади од нивните куќи. Некои куќи на крајот од населбата биле зафатени од огнот, но сепак крововите и другите делови од куќите брзо биле изгаснати.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев синоќа кажа дека ситуацијата е критична, но се држи под контрола. Тој рече дека во пожарот зафатени се неколку куќи, но за среќа жртви нема, граѓаните навремено се евакуирани од домовите.
Министерството за здравство денеска соопшти дека деветтемина жители на Кочани кои синоќа побараа лекарска помош поради вдишување на чад како последица од пожарот се во добра здравствена состојба и сите се пуштени дома. Пациентите синоќа беа задржани во болница неколку часа и примаа кислородна терапија. Во пожарот нема поврдени со изгореници.
Т. ЈОВАНОВСКИ