Утрово околу 6.15 часот во месноста Дабница, Прилепско, приведен е М. Е. (34) од Прилеп, поради сомнение дека подметнал пожар, соопшти СВР Битола. Пожарот утрово е локализиран од Противпожарната единица од Прилеп. Лицето е задржано во полициска станица и против него ќе следи кривична пријава до прилепското обвинителство.
Лицето кое е уапсено во месноста Дабница во Прилепско под сомнение дека подметнал пожар, горел кабли и жици, па така го предизвикал пожарот, соопшти СВР Битола.
„СВР Битола укажува дека предизвикувањето шумски пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици“, рече началникот на Отсекот на превенција при СВР Битола, Сашо Гилевски.
За два дена, ова е второ уапсено лице во Преспанско-Пелагонискиот Регион осомничено за подметнување пожар. Според информациите од полицијата, вчера беше уапсен К. С. од Лева Река поради сомнение дека го предизвикал пожарот кај селото, во кој беше опожарена нискостеблеста шума.
Во Преспанско-Пелагонискиот Регион активни се неколку пожари во Прилепско. Општина Прилеп соопшти дека пожарот во атарот на селата Ракле – Никодин – Топлица е активен со јак интензитет. Од село Ракле евакуирани беа двајца неподвижни стари лица и префрлени во нивниот дом во Прилеп. Во селото останати се уште 5 лица, а интервенираат 7 пожарникари од Пожарната од Прилеп и 10 лица од месно население. Пожарот го префрлил регионалниот пат Прилеп – Градско и се шири кон село Радобил.
Пожарот на потегот Дрен – Смолани во кој гори сува трева и смрека е со јак интензитет. На истиот локалитет има и еден приземен пожар на месноста Мањов Дол, каде гори нискостеблеста дабова шума. Интервенираат пожарникари на Пожарната од Прилеп, месно население, како и вработени од Шумското стопанство „Црн Бор“ од Прилеп.
Ж. ЗДРАВКОВСКА