ФИЛИПЧЕ БАРА ЗАБРАНА ЗА СВАДБИ И ПРОСЛАВИ ВО ЗАТВОРЕНО ВО ТЕТОВО ПОРАДИ ШИРЕЊЕТО НА КОРОНАВИРУСОТ

    ФИЛИПЧЕ БАРА ЗАБРАНА ЗА СВАДБИ И ПРОСЛАВИ ВО ЗАТВОРЕНО ВО ТЕТОВО ПОРАДИ ШИРЕЊЕТО НА КОРОНАВИРУСОТНајголем дел од новозаразените се невакцинирани лица (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести ќе ѝ препорачаат на Владата да воведе нови мерки во Тетовскиот Регион поради последното нагло ширење на коронавирусот. Ова следува откако Центарот за јавно здравје во Тетово предупреди на влошувањето на состојбата со коронавирусот во градот, при што бројот на заразени за еден месец се зголемил од шест на 229. Тетово во моментов има најмногу активни болни, 379, пред Скопје со 370.

    Министерството за здравство соопшти дека ќе биде предложена забрана за одржување на сите масовни настани во затворено, како свадби и прослави, а исполнетоста на затворениот дел од угостителските објекти да не смее да надминува 30% и на масите да не смеат да седат повеќе од четири лица. Спроведувањето на овие мерки ќе биде проследено со засилени контроли.

    „Летните одмори очекувано донесоа голема фреквенција на движење и затоа мора да се вратат одредени мерки за да се спречи поголемо ширење на вирусот. Анализите направени во изминативе денови велат дека вирусот, пред сè, се шири меѓу невакцинираните, над 90% од новите случаи се невакцинирани граѓани. Од друга страна, опфатот на вакцинацијата во Тетово е под 20%. Кластери каде што најбрзо се шири вирусот се свадби и прослави во затворено, кои ги има многу во овој регион, а според информациите, воопшто не се почитуваат мерките за превенција, како носење маска во затворено“, соопшти Министерството за здравство.

    И од Центарот за јавно здравје ги посочуваат свадбите и прославите како главен фактор за најновото ширење на вирусот во Тетовско.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира