ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ТЕУТА АРИФИ ГИ ИСКАРА ТЕТОВЧАНИ СМЕТОТ ДА ГО ФРЛААТ ВО КОНТЕЈНЕРИ, ЕКОЛОГИСТИТЕ Ѝ ПОРАЧАА ДЕКА ТАА Е ВИНОВНА ШТО ГРАДОТ Е ЗАТРУПАН СО СМЕТ

    ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ТЕУТА АРИФИ ГИ ИСКАРА ТЕТОВЧАНИ СМЕТОТ ДА ГО ФРЛААТ ВО КОНТЕЈНЕРИ, ЕКОЛОГИСТИТЕ Ѝ ПОРАЧАА ДЕКА ТАА Е ВИНОВНА ШТО ГРАДОТ Е ЗАТРУПАН СО СМЕТДивите минидепонии по градските улици се тетовско секојдневие. (Фото: СДК.МК)

    Сметот се фрла во контејнери, а онаму каде што истите не се поставени значи дека не е место за оставање на смет, објави на Фејсбук тетовската градоначалничка Теута Арифи, префрлајќи на граѓаните вината за големиот број диви депонии кои секојдневно никнуваат во градот. Арифи тврди дека и на 40 степени се чисти пред православните гробишта, за кои вели дека се јавна површина на која не доликува да се фрла смет и отпад. Наедно, таа побара од граѓаните на Тетово да пријавуваат каде се формираат диви депонии за да можат комуналните служби да интервенираат.

    „Сметот се фрла во контејнери. Онаму каде истите не се поставени значи дека не е место за оставање на смет. И на 40 степени се чисти пред православните гробишта, јавна површина на која не доликува да се фрла смет и отпад!“, вели Арифи.

    Со доаѓањето на бројните нашинци кои се на работа во странство, а летниот одмор го користат во татковината, бројот на жители на Тетово нарасна за неколку илјади. Тоа пак им создава дополнителни проблеми на комуналните служби кои не успеваат навреме да го подигнат насобраниот смет па купови отпад можат да се видат речиси на сите улици во градот.

    На ваквата објава реагираат тетовските екологисти кои проблемот со купиштата смет не го гледаат кај граѓаните од Тетово туку токму кај градоначалничката Арифи.

    „Теута Арифи да не ги обвинува граѓаните за отпадот! Актуелната градоначалничка на Тетово на низок и недостоинствен начин за функцијата што ја извршува, ги обвинува граѓаните дека го исфрлаат отпадот од контејнерите дури и кога се пренатрупани. Градоначалничката треба да биде информирана дека начинот на живот и потрошувачката на стоки во Тетово е зголемен во последниве 10 години. Лошото управување со хигиената и чистотата во градот е од скандалозни размери, како во ниту една општина во регионот и пошироко. Затоа, нејзините соработници треба да пресметаат и да испланираат колку контејнери треба да има според просечниот индекс колку отпад има по глава на жител и колку често треба да се чистат, бидејќи овие 8 години не е направено речиси ништо. Работниците на ЈПК Тетово не се виновни бидејќи работат во мизерни услови и целиот смет во градот се собира со 2-3 стари камиони. Граѓаните на Тетово ги слушаат зборовите, но им веруваат на своите очи!“, велат од еколошкото движење „Еко Герила“ од Тетово.

    Дивите минидепонии по градските улици се тетовско секојдневие. Во овој период од годината дневно во Тетово се собираат над 150 тони смет но и тоа не е доволно за да се отстрани сиот смет кој дневно се фрла во контејнерите, а најчесто и околу нив. Малиот број товарни возила за транспорт на сметот и недоволниот број на комунални работници, а сето тоа во комбинација со зголемениот број на жители, од кои дел се однесуваат крајно неодговорно кон градската хигиена, го прават Тетово еден од највалканите градови во државата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира