Бугарија се наоѓа пред нови избори откако лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов, изјави дека утре нема да го достават предлогот за новата влада.
„Одиме на нови избори“, изјави Трифонов, чија партија однесе тесна победа на вонредните избори на 11 јули.
Ова следува откако партијата Демократска Бугарија соопшти дека нема да ја поддржи новата влада во парламентот, на чие чело требаше да биде бизнисменот Пламен Николов.
„Направивме сè што беше во нашата моќ. Ги направивме сите компромиси кон таканаречените ‘протест партии‘ за да ја поддржат владата на Има таков народ како прва политичка сила во државата. Направивме сè што беше во нашата моќ да го смириме народот и да имаме влада, но тоа нема да се случи поради предавството на Демократска Бугарија и Исправи се БГ“, кажа Трифонов.
Бугарија одржа нови избори во јули откако ниедна од партиите не успеа да состави влада по гласањето во април, кога дотогаш владејачката ГЕРБ славеше со мало мнозинство.