Синоќа пред полноќ, во една од најпосетените кафеани во Дебар Маало во Скопје, двајца 31-годишници физички го нападнале директорот на Паркинзи Општина Центар (ПОЦ) Васко Кичевски.
Според очевидци, но и потврдувањето од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК, двајцата го нападнале Кичевски кој седел во кафеаната со уште четири лица. Нападнатите фатиле да се бранат, но и да возвраќаат на ударите од напаѓачите, по што настанала групна тепачка во која се уфрлиле уште две лица дојдени со напаѓачите.
Тепачката не била со голи раце, туку со тврди предмети и стаклени шишиња, чаши, што им дојде до рака на учесниците.
Според очевидци, најмалку една девојка од гостите е повредена од стакло во главата. Според официјалната информација од полиција, пак, расечени се двајцата напаѓачи и двајца од нападнатите, меѓу кои не е директорот на ПОЦ.
„На 10.08.2021 во 23.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека бил нарушен јавниот ред и мир во угостителски објект во скопско Дебар Маало, со физичка пресметка помеѓу М.С.(35) од с.Бардовци, скопско, Д.А.(36), Е.Д.(36), Б.Т.(36) и В.К.(36), сите од Скопје, од една страна и С.Б.(31), А.Р.(31), двајцата од Скопје и уште две лица, од друга страна. Според пријавеното, притоа биле користени тврди и стаклени предмети, а со повреди се здобиле С.Б., А.Р., М.С. и Д.А.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, ни потврди МВР.
С. К. ДЕЛЕВСКА