За период од две недели, во Македонија починале 101 лице од ковид-19, од кои 92 не биле вакцинирани, a 9 имале примено вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе хронични заболувања, соопшти Министерство за здравство. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза.
Само 15% од лицата кои имале позитивен тест за коронавирус во изминатите две недели биле целосно вакцинирани. Во периодот од 6 до 19 август, во Македонија се регистрирани 9.881 нов случај на коронавирус, од кои 1.507 се лица вакцинирани со две дози. Останатите 8.374 заразени не биле вакцинирани.
Во болниците низ Македонија моментално лежат 724 пациенти со ковид-19, од кои, како што соопшти Министерството, 91% се невакцинирани.
Заразените и починатите се имунизирани со вакцини кои ги има во Македонија, како и со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, што ги примиле во странство.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 638.428 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 13.275 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17.623 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.134.231 дози вакцини, а ревакцинирани се 495.803 граѓани.
Со последните бројки 70% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 67% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 63% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 53% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.