ОД УТРЕ ЌЕ ПРОДОЛЖИ ИЗДАВАЊЕТО ЛИЧНИ КАРТИ, ВЛАДАТА НЕМА ДА ЧЕКА НА НОВИОТ ЗАКОН

    ОД УТРЕ ЌЕ ПРОДОЛЖИ ИЗДАВАЊЕТО ЛИЧНИ КАРТИ, ВЛАДАТА НЕМА ДА ЧЕКА НА НОВИОТ ЗАКОНВладата го задолжи Оливер Спасовски да ги преземе сите потребни активности за донесувањето на подзаконски пропис со кој ќе се овозможи непречено издавање на лични карти. (архивска фотографија)

    Од утре продолжува печатењето и издавањето лични карти, соопштија од Владата по денешната владина седница. На седницата било одлучено да се донесе подзаконски акт за усогласување на Законот за лични карти со Законот за употреба на јазиците и на тој начин да продолжи издавањето лични карти, процес што беше закочен речиси два месеца и над 40 илјади македонски граѓани останаа со истечени лични карти, што им предизвика бројни проблеми, пред сè со банките.

    „Соодветно на информацијата, Владата го задолжи министерот за внатрешни работи да ги преземе сите потребни активности за донесувањето на подзаконски пропис согласно овластувањето од Законот за лични карти и да го усогласи со одредбите од Законот за употреба на јазиците со што се овозможува непречено издавање на обрасците за барање за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање лична карта, образецот за личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот за водење на евиденцијата за издадени лични карти. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека подзаконскиот пропис ќе биде објавен уште во текот на денешниот ден во ‘Службен весник’, и со тоа ќе се овозможи веднаш да започне печатењето и издавањето на личните карти на граѓаните согласно нивните поднесени барања“, се вели во владиното соопштение.

    Од МВР претходно кажаа дека издавањето лични карти застана бидејќи го надградиле системот да биде во согласност со Договорот од Преспа, кој предвидува од 1 јули годинава да почне да се употребува уставното име Република Северна Македонија на личните документи, како и во согласност со Законот за употреба на јазиците, кој предвидува двојазични лични карти за припадниците на малцинствата кои ќе го побараат тоа.

    За таа цел беа предложени измени на Законот за лични карти, но тој е заглавен во Собранието поради 1.500 амандмани поднесени од Левица. Левица ги поднесе амандманите поради барањето на Беса во личните карти да стои и националноста.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира