ПОЧИНА ЧАРЛИ ВОТС, ЛЕГЕНДАРНИОТ ТАПАНАР НА „РОЛИНГ СТОУНС“

    ПОЧИНА ЧАРЛИ ВОТС, ЛЕГЕНДАРНИОТ ТАПАНАР НА „РОЛИНГ СТОУНС“Чарли Ботс беше еден од столбовите на Ролинг стоунс повеќе од пола век. (Фото: Гети)

    Чарли Вотс, тапанарот кој беше окосница на песните на Ролинг стоунс повеќе од пола век, почина на 80 години, соопшти неговиот публицист. Бернард Доерти кажа дека „Вотс почина во мир во болница во Лондон во кругот на своето семејство“.

    „Чарли беше љубен сопруг, татко и дедо, и како член на Ролинг стоунс еден од највеличествените тапанари во неговата генерација“.

    Веста за смртта дојде неколку недели откако беше објавено дека Вотс нема да учествува во новата американска турнеја на Стоунси за да се опорави од медицинска интервенција. Во 2004 тој се лекуваше од рак на грлото.

    Вотс беше член на Ролинг стоунс од јануари 1963, кога им се придружи на Мик Џегер, Кит Ричардс и Брајан Џонс. Како вљубеник во џез, важеше за најнехаризматичен член на бендот, ја избегнуваше славата и ретко даваше интервјуа. Славна е неговата изјава дека неговиот живот со Стоунси бил 5 години свирење и 20 години дружба.

    Неговиот стил на живот додека беше на турнеи беше во директна спротивност со тој на другите членови од бендот. Беше познат по тоа што ги одбиваше женските што му се пуштаа, и остана верен на сопругата Ширли со која се венчаа во 1964. Сепак во средината на 1980-те, за време на она што го нарече криза на средните години, Вотс се оддаде на дрога и алкохол и стана зависен од хероин.

    „Тоа стана толку лошо, што дури и Кит Ричардс ми рече да се приберам“, кажа подоцна Вотс.

    Кризата траеше 2 години и Ширли беше таа што му помогна да си дојде на себе.

    Секогаш дотеран – беше на неколку листи за најдобро облечен маж на светот – Вотс остана цврсто на земјата во целата кариера со најдолготрајниот бенд на светот.

    „Треба да е секс, дрога и рокенрол. Јас не сум таков. Никогаш не ги сметав Ролинг стоунс за нешто“, кажа Вотс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира