Американската војска објави дека ги истражува информациите дека деветмина авганистански цивили загинале во вчерашниот напад со дрон во Кабул, чија мета беше возило на бомбаш самоубиец на Исламска држава. Ракетирањето имало за цел да спречи нов напад на кабулскиот аеродром, каде што Американците привршуваат со повлекувањето.
Едно лице изјави за Си-Ен-Ен дека девет негови роднини загинале во нападот, вклучувајќи четири деца. Нејасно е како тие загинале.
Централната команда на американската војска потврди дека по нападот со дрон имало моќни последователни експлозии, најверојатно како резултат на големото количество експлозивен материјал што се превезувал во уништениот автомобил.
„Тоа можеби предизвикало дополнителни жртви“, кажаа од командата.
Вчерашниот инцидент се случи само ден откако Џо Бајден предупреди дека би можело да има нов напад на кабулскиот аеродром. Во бомбашкиот напад минатата недела загинаа над 170 луѓе, меѓу кои и 13 Американци, по што САД најавија жестока одмзда кон локалниот огранок на Исламска држава. САД во меѓувреме инсталираа и противракетен систем на аеродромот, кој денеска пресретнал пет проектили, за што никој засега не презел одговорност.