САД вечерва го комплетираа повлекувањето од Авганистан, ставајќи крај на својата најдолга војна досега и затворајќи поглавје во својата воена историја исполнето со огромни неуспеси и неисполнети ветувања.
Неколку часови пред истекот на крајниот рок за повлекување, последниот американски авион полета од аеродромот во Кабул и во него немало американски државјани. Илјадници војници во изминатите недели го обезбедуваа аеродромот со цел да се овозможи евакуација на десетици илјади Американци, Авганистанци и други кои сакаа да избегаат од земјата со која повторно владеат талибанците.
Објавувајќи го завршувањето на евакуацијата, генералот Френк Мекензи кажа дека последните авиони полетале од Кабул една минута пред полноќ по локално време.
„Во изминатите недели евакуиравме 80.000 цивили од Кабул, од кои 6.000 Американци. Ова беше најголемата неборбена мисија на евакуација во историјата на американската војска и тоа е монументално остварување. На аеродромот веќе нема никого кој треба да биде евакуиран“, изјави Мекензи, шефот на централната команда на американската војска.
За тоа време, во Кабул се слушаа истрели, додека се славеше целосното заминување на Американците.
Евакуациите почнаа на 14 август, ден пред талибанците да влезат во Кабул и оттогаш беа извлечени вкупно 122.000 луѓе. Со ова се става крај на 20-годишната војна во Авганистан, во која загинаа 2.400 Американци, над 1.100 војници од други коалициски војски и над 100.000 Авганистанци.