ХЕЛИКОПТЕРИ ЌЕ ГО ГАСАТ ПОЖАРОТ НА ГАЛИЧИЦА

    ХЕЛИКОПТЕРИ ЌЕ ГО ГАСАТ ПОЖАРОТ НА ГАЛИЧИЦАСо промена на ветерот пожарот се прошири према подолните падини и западниот дел на планината Галичица, од преку 2.200 метри на, рече градоначалникот на Охрид. (Фото: Охрид СОС)

    Пожарот на Галичица, кој веќе седум дена е активен на непристапен терен на планината, од денеска се гасне од воздух со хеликоптери, а од утре на терен ќе бидат испратени 40 луѓе кои ќе делуваат од земја. Ова следува по денешниот состанок на Кризниот штаб на кој присуствуваа претставници од Националниот парк „Галичица“, Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекција за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица од Охрид и градоначлникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.

    „Со промена на ветерот пожарот се прошири према подолните падини и западниот дел на планината Галичица, од преку 2.200 метри надморска височина се спушти на 1.600 метри, со што се создадоа услови да може да се делува со воздухоплови. Ангажирани се хеликоптери, кои веќе се на пат и во попладневните часови ќе се врши гасење на пожарот од воздух. На состанокот се донесе и заклучок утре во раните урински часови да се делува со човечка сила, со околу 40 луѓе кои ќе се на терен и паралелно ќе се делува и со гасење на пожарот од воздух“, рече Георгиески.

    Претходно денеска, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов на прес-конференција кажа дека теренот каде гори пожарот на Галичица е непријатен и критичен за пешадиско гаснење и гаснење со хеликоптери, поради големиот број на експлозивни средства и направи. Тој рече дека голем број гранати, куршуми и разни други експлозивни средства се наоѓаат и по сртот каде почна пожарот и се протегаат до подножјето на шумата.

    Ангелов кажа дека пожарот почнал пред една недела од албанската страна на планината и сознанијата се дека е запален од овчари од таа страна, за да преку горење да се подобри квалитетот на пасиштето.

    Георгиески кажа дека до ЦУК било поднесено барање за ангажирање на хелихоптер уште на 30 август за гасење на пожарот, а на 1 септември било пратено и второ барање, но немало услови за ангажирање на хелихоптер поради постоење на многу неексплодирани мини од Првата светска војна. Тој додаде дека пожарот е далеку од населени места и, како што рече, очекува во наредните ден-два пожарот ќе биде локализиран.

    Пожарот кој започна на планината Галичица, на албанската територија, а поради ветерот премина на македонска територија кај граничен камен F-9, е на терен каде има експлозивни направи, мини или друг вид експлозивни средства, остаток од борбите што се воделе на ова подрачје во балканските или Првата светска војна.

    Поради непристапниот терен, надеж се и најавите за врнежи од дожд, кои треба да помогнат да се стави под контрола огнената стихија на Галичица.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира