28 ГОДИНИ НЕМА АБЕР ОД ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН КЛЕПАЛО КАЈ БЕРОВО ОТИ БУГАРИЈА НЕ СИ ЈА ИСПОЛНИ ОБВРСКАТА ДА ИЗГРАДИ ПАТ ДО ГРАНИЦАТА

    28 ГОДИНИ НЕМА АБЕР ОД ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН КЛЕПАЛО КАЈ БЕРОВО ОТИ БУГАРИЈА НЕ СИ ЈА ИСПОЛНИ ОБВРСКАТА ДА ИЗГРАДИ ПАТ ДО ГРАНИЦАТАПросторот каде што треба да биде граничниот премин денес е пуст и запуштен (Фото: Т. Јовановски)

    Повеќе од две децении се зборува и официјално се најавува дека ќе се изгради патот до граничниот премин Клепало кај Берово од бугарска страна, но никако да се случи тоа. Македонија веќе ја исполни својата обврска од договорот потпишан во 1993 година за изградба на патот од Берово до Клепало, дури и повеќе од тоа. Во 2003, Македонија на Клепало изгради и зграда, која би претставувала заеднички граничен премин за двете држави.

    Но, од граничниот премин Клепало со децении нема абер, а ни од патот од бугарскиот град Струмјани до Клепало во должина од 30 километри. При последната посета на Клепало деновиве не забележавме жив човек, ниту војник, ниту граничар, само тишина и шумови од боровите дрвја.

    Во зградата немаше никој, а вратите и прозорците почнале да се распаѓаат. Објектот и целиот простор околу него се обраснати со ниски дрвја, џбунови и трња. На платото и на веќе асфалтираниот приоден пат пред граничниот премин наидовме на неколку купови трупци, кои пред три години биле оставени таму.

    Градоначалникот на Струмјани, Емил Илиев, кој е еден од носителите на проектот за патна инфраструктура до Клепало од двете страни, во изминатите години имаше низа средби со градоначалници на повеќе македонски градови, особено со оние кои граничат со Бугарија.

    „Илиев е прв човек на Струмјани веќе три мандати и настојува Клепало како меѓународна инвестиција да му биде поен за четвртиот мандат. Тој е носител на овој проект и досега успеа да издејствува да се асфалтираат патиштата од Струмјани до селото Раздол, кое е на неполни осум километри до Клепало. Оттогаш, веќе трета година, патот до Клепало тапка во место, така што сега е во прашање дали може да се оди и по стариот шумски пат“, велат македонските градоначалници со кои сме разговрале во изминатите неколку години.

    Илиев при неколку посети на македонските градови изјавуваше дека патот до Клепало од бугарска страна е готова работа. Досега се одржале стотици средби и договарања на различни нивоа помеѓу двете држави. Во 2009 било формирано и заедничко работно тело. Подоцна била потпишана декларација за соработка помеѓу Берово, Делчево и бугарските општини Струмјани и Симитли. Граничниот премин Клепало бил спомнат и во Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, што на 1 август 2017 во Скопје го потпишаа Зоран Заев и Бојко Борисов.

    Според градоначалникот на Берово Звонко Пекевски, контактите со колегите од Бугарија во изминатите години биле мошне интензивни, но во последно време замреа.

    „Издејствуваме Бугарија да асфалтира 17 од вкупно 30 километри пат од Струмјани до Клепало. Кога требаше да имаме средба во Струмјани или во Берово, патувавме 130 километри преку преминот кај Делчево, иако сме оддалачени 30-40 километри. Очигледна е придобивката за граѓаните од двете земји“, вели Кепевски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира