Карбинци, една од најмалите општини во Македонија, првпат изгради современа филтер станица за вода, која ќе опслужува осум села со над 3.000 жители. Капацитетот на станицата е 40 литри вода во секунда, што се смета за доволно да ги задоволи потребите за вода за пиење на општината.
„Новата современа филтер станица, која е со ултрафилтрација на водата, е набавена од Словенија и целата инвестиција чини 105 милиони денари, обезбедени од Министерството за земјоделство. Изведувач на работите беше фирмата ‘Хидро систем‘ од Радовиш“, вели градоначалникот на Карбинци, Јордан Насев.
Ацо Ристов, менаџер на фирмата изведувач, вели дека завршиле еден комплексен проект со високи европски стандарди, со кој трајно ќе биде решен проблемот со квалитетот на водата во општината.
Сепак, ставањето во функција на филтер станицата не значи дека жителите од оваа општина веднаш ќе добијат новофилтрирана вода за пиење, затоа што сè уште не била изградена цевководната мрежа до населените места. Причината е што тендерот за вториот дел од проектот требало да се повтори.
„На 9 септември истекува рокот за аплицирање за новиот тендер. Избраната компанија ќе има рок од шест месеци да инсталира мрежа од 18 километри цевковод“, вели Насев.
Тој додава дека ќе има поволна корекција на цената на водата, па место сегашните 30 денари за кубик, жителите кои ќе ја добиваат водата од филтер станицата ќе плаќаат 24 денари.
За селата на Плачковица кои нема да бидат опфатени со филтер станицата во тек е реализација на нови извори на чиста вода за пиење.
Т. ЈОВАНОВСКИ