Скопската противпожарна единица вечерва со три возила отиде во населбата Црниче по лажна дојава на соседи дека гори куќа на улица Востаничка.
На местото ни дим, а камо ли пожар. Жител запалил нешто свое, некои отпадоци, во својот двор.
САКАМДАКАЖАМ.МК првин се јави на 192 и оттаму ни беше кажано дека гори куќа на Востаничка, единицата сега оди натаму, информации ќе има подоцна. Скопје трештеше од повеќе вклучени сирени во исто време.
По неколку минути се јавивме во Скопската противпожарна единица за информации од теренот.
„Пристигнавме таму дури со три возила бидејќи соседите пријавија дека гори куќа на Востаничка во Црниче. И што да видиме, лажна пријава! Имало т.н. неконтролирано палење во еден двор, од страна на сопственикот. Нешто свое си палел. Но пожар немаше, во куќа пак воопшто. Пожарникарите со возилата се враќаат назад”, револтирани се од Скопска пожарна поради тоа што денеска секој може да излаже за пожар и да ги шета пожарникарите како сака, без никакви последици.
Оттаму апелираат лажните пријави за пожари кои се многу чести, и поради кои противпожарните единици прават големи трошоци за интервенции без потреба, МВР да ги санкционира.
С. К. ДЕЛЕВСКА