НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ БАРA ДА СЕ СКРАТАТ ШКОЛСКИТЕ ЧАСОВИ, ЦАРОВСКА ВЕЛИ ПРОТОКОЛОТ ГО НОСИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ БАРA ДА СЕ СКРАТАТ ШКОЛСКИТЕ ЧАСОВИ, ЦАРОВСКА ВЕЛИ ПРОТОКОЛОТ ГО НОСИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИВо текот на денот учениците имаат и по 7 часа, со времетраење на часовите со физичко присуство од 40 минути во основното и 45 минути во средното образование. (Фото: МОН)

    Часовите со физичко присуство да бидат пократки, а одморите помеѓу часовите да бидат зачестени и подолги, стои во укажувањето кое Народниот правобранител го испрати вчера до Министерството за образование и наука (МОН). Омбудсманот отвори предмет по сопствена иницијатива, откако со почетокот на учебната 2021/2022 година зачестиле јавувањата и поплаките од ученици и родители кои се во врска со начинот на реализација на воспитно-образовниот процес во основните и средните училишта, укажувајќи на неможност да се почитуваат, односно спроведуваат во целост протоколите, но и на конкретни проблеми.

    Во текот на денот учениците имаат и по 7 часа, со времетраење на часовите со физичко присуство од 40 минути во основното и 45 минути во средното образование. Ученици, родители и наставници реагираат дека потребно е постојано да имаат заштитна маска на лицата, што пак, според нив, предизвикува голем замор, придружен со главоболка и намалена концентрација за следење, односно за реализирање на наставата, а кај дел од децата, како што наведуваат родителите, има осип во пределот на лицето кое е покриено со маска.

    „Главоболките и други непријатности од здравствен аспект кои учениците и наставниците ги чувствуваат се и поради честото или постојаното проветрување на училниците, односно поради целосно отворени прозорци и постојано држење на отворена врата од училниците за време на часовите, поради што учениците во текот на целиот ден се изложени на провев, проблем кој е и сега присутен, а со заладувањето и намалувањето на температурите во следниот период, истиот уште повеќе ќе се потенцира“, вели Народниот правобранител. Оттаму додаваат дека има голем број на ученици по паралелка, често повеќе од 30 ученици, во училница/и, кои најчесто е/се со простор од околу 30 м2 со што е невозможно одржување на физичка дистанца.

    На новинарско прашање денеска по посета на ОУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски“, дали ќе се воведе настава на отворено и ќе се бараат брзи тестови за деца, Царовска одговори:

    „Планот за спроведување настава со физичко присуство е усвоен уште во јули, тој е доставен до училиштата и по истиот тој план се спроведува наставата. Протоколите се поставени од Комисијата за заразни болести и заедно со нив се утврдени сите елементи кои според планот за работа треба да бидат исполнети. Токму затоа укажувам дека Министерството ниту одлучува за тестови, ниту за протоколите. Здравствените власти ја водат пандемијата и успешно се справуваат и затоа продолжуваме да ги следиме инструкциите на Комисијата“.

    Омбусманот укажува и на проблемот со недостаток од образовни асистенти за инклузираните ученици со попреченост, бидејќи голем број на образовни асистенти во меѓувреме го имаат раскинато Договорот за работа со Основните училишта со Ресусен центар.

    Родителите реагираат дека сложена е процедурата за добивање личен асистент, и дека иако истите треба да бидат доделени од МОН, всушност ќе бидат обезбедени преку Министерството за труд и социјална политика, а се сомневаат и дека воопшто ќе им биде доделен личен асистент поради недоволниот број на невработени лица заинтересирани за испорака на оваа услуга.

    Родителите реагираат и за тоа дека бидејќи училиштата не обезбедуваат печатени верзии на учебници за четврто одделение, тие се приморани самостојно да ги испечатат истите. Понатаму, недостаток на учебници за голем број ученици, а и оние ученици кои имаат добиено учебници истите се со крајно лош квалитет и дотраени (искинати, ишкртани, без сите страници).

    „МОН набавува книги за сите одделенија согласно барањата на училиштата. Учебниците се поделени во школите. За оштетените книги колку барале, толку добиле. Во однос на тоа дека ако родител сака да купи нов учебник нов од книжара, тоа ќе биде можно кога законот ќе помине во Собрание, пазарот ќе биде либерализиран. Нема да има ексклузивни договори и сето тоа ќе бидедостапно и за учениците, родителите и наставниците. Тоа што со години имавме во земјава ексклузивитет во набавка на учебници, нѐдоведе до оваа ситуација“, рече денеска Царовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира