Еден од сведоците на судењето против бившиот израелски премиер Бењамин Нетанјаху загина во авионска несреќа во Грција. Во малиот авион „цесна 172“ биле двајца израелски државјани, кои се идентификувани како бившиот заменик директор на министерството за комуникации Хаим Гарон и неговата сопруга Ести.
Според медиумите, тие патувале со приватен лет за Македонија, кога авионот се урнал во близина на егејскиот остров Самос, каде што требало да направат кратко застанување.
„Тој многу сакаше да лета. Го купи авионот заедно со негов партнер за да можат редовно да летаат во странство. Тој беше одговорен пилот и не можеме да сфатиме што се случи“, изјави роднина на Гарон.
Тој беше сведок на обвинителството во судскиот процес против Нетанјаху, кој е обвинет за измама, злоупотреба на доверба и примање мито во три случаи на корупција. Во еден од нив, тој промовирал регулативи кои му донеле стотици милиони долари на сопственикот на телекомуникацискиот гигант „Безека“ во замена за позитивно информирање на сајтот „Вала“. Гарон требаше да сведочи за донесувањето на овие регулативи.