Данската влада усвои закон кој на осудениците на доживотен затвор им забранува да почнуваат нови љубовни врски. Според овој закон, тие ќе смеат да контактираат само со оние кои веќе биле блиски со нив во првите десет години од затворањето.
Владата се надева дека на овој начин ќе го спречи порастот на бројот на обожаватели на криминалците.
Законот беше донесен по откритието дека 17-годишна девојка се вљубила во Петер Мадсен, осуден на доживотен затвор за бруталното убиство на шведската новинарка Ким Вал во неговата подморница во 2017 година.
Камила Кирстајн признала дека се заљубила во Мадсен откако интензивно си пишувале писма и зборувале по телефон во изминатите две години. Таа станала љубоморна кога тој подоцна се оженил со 39-годишната Русинка Џени Курпен.
„Ваквите врски очигледно треба да престанат. Осудените криминалци треба да се спречат да ги користат нашите затвори како центри за љубовни средби. Тие контактираат млади луѓе за да се здобијат со нивно внимание или сочувство“, изјави министерот за правда Ник Хекеруп.