Американскиот милионер Роберт Дерст, за кого ТВ-мрежата Ејч-Би-О сними популарна документарна серија, е прогласен за виновен за убиството на неговата најдобра пријателка Сузан Берман.
Тој ја убил Берман во 2000 година за да ја спречи да зборува за исчезнувањето на неговата сопруга Кејтлин Мекормак. Педесет и петгодишната Берман беше пронајдена застрелана во главата во нејзиниот дом во Беверли Хилс.
Во последната епизода од серијата „The Jinx“, Дерст може да се слушне како кажува „Што, по ѓаволите, сум направил? Сум ги убил сите, се разбира“. Неколку часа пред емитувањето на епизодата, Дерст беше уапсен во Њу Орлеанс. Обвинителите го опишаа 78-годишниот Дерст како самобендисан психопат и се очекува тој да остане зад решетки до крајот на животот. Казната ќе биде објавена на 18 октомври.
Сузан Берман, ќерка на мафијаш од Лас Вегас, стана портпаролка на Дерст кога тој стана осомничен за исчезнувањето на неговата сопруга. Таа се доверила на свои пријатели дека му обезбедила лажно алиби на Дерст и била подготвена да оди во полиција пред да биде убиена. Мекормак исчезнала во 1982 година и се верува дека е мртва.
Дерст, кој е оттуѓен член на една од најбогатите и најмоќни њујоршки династии за недвижности, всушност убил тројца луѓе: третиот е неговиот цимер Морис Блек во 2001 година, кој му го открил идентитетот додека се криел во Тексас. Дерст беше ослободен за ова убиство, зашто наводно го извршил во самоодбрана, пред да му го исече телото на Блек.