Обновата на катедралата Нотр Дам во Париз конечно може да почне, две и пол години откако беше тешко оштетена во пожарот, по што започна сложен процец на расчистување и обезбедување на местото. Властите соопштија дека градежните работи ќе почнат оваа зима, откако на тендер ќе бидат избрани компании-изведувачи.
Набргу по пожарот во април 2019, претседателот Емануел Макрон вети дека Нотр Дам ќе биде обновена и отворена за јавност до 2024, кога Париз ќе биде домаќин на Олимписките игри и овој рок останува непроменет.
„Целта е првата богослужба да се одржи на 16 април 2024, кога ќе бидат пет години од пожарот. Решени сме да успееме во тоа“, изјави Жан-Луј Жоржелан, шефот на државната служба за обнова на Нотр Дам.
Во пожарот настрадаа покривот и една од историските кули и катедралата ќе биде обновена според претходниот дизајн. За да се обнови 96 метри високата кула од 19. век, исечени се илјада стари дабови дрвја во сите региони на Франција.
Причината за пожарот досега не е точно утврдена, при што се шпекулираше со проблем во електричните инсталации и со фрлена цигара.