СУДСКИОТ СОВЕТ ГИ ОХРАБРУВА ГРАЃАНИТЕ ДА ПРИЈАВУВААТ НЕПРАВДИ ВО СУДОВИТЕ, НО ДА НЕ ЧЕКААТ МНОГУ, РОКОТ Е 6 МЕСЕЦИ

    СУДСКИОТ СОВЕТ ГИ ОХРАБРУВА ГРАЃАНИТЕ ДА ПРИЈАВУВААТ НЕПРАВДИ ВО СУДОВИТЕ, НО ДА НЕ ЧЕКААТ МНОГУ, РОКОТ Е 6 МЕСЕЦИПретседателката на Судски совет Павлинка Црвенковска на давање свечена изјава на новоизбрани претседатели на судови. (Фото: Судски совет)

    Судскиот совет по статијата во САКАМДАКАЖАМ.МК за пријавените сомневања за корупција на судии преку свои лични примери, ги повикува граѓаните таму да ги пријават сите повреди на законот што ги доживеале или забележале, и да имаат доверба во неговото постапување.

    Но, Судскиот совет укажува на тоа граѓаните кои се странки во постапките, ако забележале повреда на законот или на своите права од страна на судиите или претседателите на судовите, тоа да го направат во рок од шест месеци.

    Од вкупно 724 поднесени претставки против судии од цела Македонија лани, само за 4 Судскиот совет одлучил дека се основани, а за две полуосновани. Бадијала граѓаните ги поднесувале. Ист е просекот и на прифатени претставки години наназад.

    Годишно, едвај по две биле утврдени како основани.

    Огромен дел од претставките од граѓани против судиите биле отфрлени поради проток на рокот од 6 месеци во кој се обврзани да се обратат до Советот. Но, на прсти се бројат луѓето кои знаат кога треба да поднесат Барање за утврдување одговорност на судија.
    Додека, за претставките и поплаките од граѓани, рок за поднесување нема.

    Државата сака да го исчисти судството од нестручни и несовесни судии, да направи реформа на судството, а тој „пропишан рок“, кого човек што не е правник, не може никаде да го најде и да го прочита. Поради тоа неинформирање на граѓаните, половина од претставките против судии завршуваат во канта за отпадоци.

    Претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска вели дека сите граѓани чии примери се спомнати во текстот, како и оние кои се јавиле за време на редакциското истражување, со мејлови или по телефон, може да поднесат барање за утврдување на одговорност на судија. Вели дека во Советот има координатори за секој суд. Треба само да се запази рокот и другите елементи за поднесување на барањето, и Судскиот совет ќе постапи по нив.

    Таа укажува дека Судскиот совет работи според член 61 од Законот за Судски совет, кој пропишал рок за постапката за утврдување одговорност на судија, за да не бидат нивните претставки неупотребливи и застарени.

    Рокот од 6 месеци се однесува на претставки за поведување постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, додека за останатите претставки и поплаки нема рок.

    „Ние сме обврзани да работиме по роковите. Член 61 од Законот за Судски совет вели: Постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд се поведува во рок од шест месеци од денот на осознавање на сторената повреда, но не подоцна од три години од денот на сторувањето на повредата“, вели Црвенковска.

    Ретко кој од граѓаните со негативни примери во судските постапки, кажа дека поднел претставка до Судскиот совет, зашто велат, немаат доверба дека тој ќе преземе нешто во корист на граѓаните, на правдата. Впрочем и самата официјална бројка на поднесени претставки од граѓани против судии за 2020 и бројката за која Советот одлучил дека се основани претставките, го тврди тоа.

    Но, Црвенковска вели дека статистиката на постапување по претставки и барања од граѓани против судии, во 2021 година е сменета.

    „Оваа година од поднесени 45 барања, разрешени се 6 судии. Додека, претставки и поплаки од граѓани досега има околу 470“, вели претседателката на Судскиот совет.

    Најголем број претставки против судии, 98, лани биле поднесени против судии од Основниот граѓански суд Скопје, од граѓани, фирми и од државни институции. Третиве, од кај нив ги препратиле до Судскиот совет. Токму затоа истражувањето тимот на САКАМДАКАЖАМ.МК го насочи кон граѓанскиот суд и кон граѓанските одделенија во сите судови во Македонија.

    На второто место е Апелациониот суд Скопје, со 94 претставки против судии. По овие два рекордера, следува Основниот кривичен суд Скопје, каде што е и Одделот за организиран криминал и корупција, со 57 поднесени претставки за работата на судиите лани.
    Треба да се напомене и дека овие три суда се со најголем број предмети, но и со најголем број судии, стручни соработници и администрација. Овие податоци се содржани во последниот Извештај на Судскиот совет, кој е за неговата работа за 2020 година.

    Врховниот суд не е голем суд и со голем број предмети, па сепак лани во Судскиот совет биле адресирани дури 44 претставки против врховни судии.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира