Апелациониот суд Скопје ја потврди затворската казна за поранешниот претседател на Основниот кривичен суд Скопје Владимир Панчевски, а ја преиначи нејзината висина, па наместо 3,5 години, ќе лежи 2,5. Тој првостепено беше прогласен за виновен од судијката Валентина Ѓорѓиевска за кривичното дело Злоупотреба на службена положба дека рачно местел предмети кај одредени судии, како претседател на судот, во периодот од 2013 до 2016 година, според обвинението вкупно за 45 предмети.
Во обвинението пишува дека со свој потпис обвинетиот одредувал кој судија ќе работи одреден предмет. Ова е спротивно од Законот за судовите, со што директно влијаел на распределбата на предметите. Со преземените дејствија, обвинетиот влијаел на движењето на предметите, оформувањето, предавањето во работа и на состојбата со управувањето на системот. Во завршен збор, Панчевски кажа дека обвинението било политичко.
При увидот во предметите каде параф ставал обвинетиот, присутните во судницата во Основен суд Велес можеа да слушнат дека освен за предметите „Насилство во Центар“ и „Талир“ другите биле за кривични дела – превоз на мигранти, за недозволена трговија со дрога, за злоупотреба на службена положба.
Во казната од две години и шест месеци затвор треба да се засмета и притворот, додека Панчески беше во Шутка, мерка изречена заради негово обезбедување за присуство на главна расправа. Панчевски има право на вонреден правен лек до Врховен суд, но тоа не го одлага извршувањето на казната.
П. ПЕЧКОВ