ЦИА евакуирала разузнавач од Србија кој страдал од симптомите поврзани со Хавана синдромот, додека се појавуваат сè повеќе случаи на ова мистериозно невролошко заболување меѓу американските шпиони и дипломати. Инцидентот на Балканот се случил во изминатите недели и досега не се знаело за него, објави „Вол стрит џурнал“.
Пред една недела, агент на ЦИА се разболел од Хавана синдромот додека бил на работно патување во Индија, а пред еден месец ваков случај бил потврден и во Виетнам. Сите погодени лица пријавиле симптоми поврзани со необјаснивиот синдром, кои вклучуваат главоболка, болка, мачнина и вртоглавица предизвикани од звуци, притисок или топлина.
Досега се познати околу 200 случаи на Хавана синдромот откако првпат бил регистриран во американската амбасада во Хавана во 2016 година. Речиси половина од нив се агенти на ЦИА или нивни роднини, 60-ина се поврзани со вработените во Министерството за одбрана или нивни роднини, а околу 50 вклучуваат персонал на Стејт департментот.
До август, болеста била регистрирана на сите континенти, со исклучок на Антарктик.
„Во изминатите 60 до 90 дена имаше одреден број пријавени случаи во САД и низ светот. Тоа се валидни извештаи со потврдени здравствени индикатори“, изјави Џејмс Џордано, професорот по неврологија на Универзитетот во Џорџтаун, кој ја советува американската влада по ова прашање.
Тој верува дека причината за синдромот би можел да биде некаков ласерски, ултрасоничен или акустичен уред, односно брзопулсирачки микробранови.