Истекуваат 6 месеци од отворањето на истрагата за сомневање за извршени злоупотреби со пари на државата за свои патенти и софтвери што никаде не биле потребни, од страна на притворениот Драги Рашковски.
Обвинителството за организиран криминал и корупција има уште 8 дена да покрене обвинение, зашто истрагата беше отворена во април, пред пола година.
Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска поднела барање за продолжување на куќниот притвор на Рашковски, кој истекува деновиве. За барањето треба да одлучи Апелациониот суд Скопје, кој по три последователни продолженија на притвор, ја презема надлежноста од основните судови, за секој обвинет/осомничен, па така и за осомничениот поранешен генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
Тој е забележан дека од куќен притвор интензивно оди во просториите на Обвинителството да врши увид во доказите што ги открила оваа институција во текот на 6-месечната истрага.
Истрагата против Рашковски, од она што и беше презентирано на јавноста, беше во два дела. За првото дело Рашковски е осомничен дека со пари на граѓаните, купил софтвер од 81 илјади евра што сам го иновирал, за потребите на МВР, по што излезе министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и кажа дека си имаат тие свој, не им требал никогаш некој друг софтвер за сообраќајни прекршоци.
Потоа истрагата беше продолжена и за уште еден таков нелегално набавен софтвер со потпис на Рашковски како генсек на Владата, за кој незаконски, според истрагата, биле потрошени 104 илјади евра од државниот буџет.
Имотот на Рашковски и на неговите две малолетни деца е замрзнат на барање на ОЈО за организиран криминал и корупција.
Неодамна на гостувањето на една од националните телевизии, неговиот некогашен близок соработник, премиерот Зоран Заев, на новинарско прашање за борба против корупцијата, рече дека таа е неселективна, а пример за тоа е истрагата што се води меѓу другите, и против Рашковски.
С. К. ДЕЛЕВСКА