Туристичките работници ја оценија како успешна изминатава туристичка сезона на охридско-струшката ривиера. Со оглед на ковид-состојбата задоволни се од големиот број домашни туристи и оние кои пристигнаа од Полска и Украина како и гости од Турција и соседството. Холанѓаните, кои години пред пандемијата беа едни од најбројните во Охрид, годинава изостанаа.
„Украинскиот пазар изненади и дојде во голем број. Полските гости се вратија и околните држави околу нас Србија, Косово и Албанија беа едни од гостите кои го посетуваа најмногу Охрид. Далечниот азиски исток не го имаме вратено и нема да го вратиме додека кризата не заврши глобално“, вели Филип Стефаноски, тур-оператор од Охрид.
Иако во екот на сезоната во Охрид се бараше соба повеќе тоа ни оддалеку не е доволно да се покријат загубите кои ги претрпе туризмот од почетокот на здравствената криза. Сепак Стефаноски вели дека за разлика од минатата година ова лето се задоволни и од приливите на средства направени од враќањето на дијаспората и организирањето на свадбените веселби.
„Се раздвижи и бизнисот во ресторанскиот дел бидејќи оваа година имавме свадби и за разлика од лани се врати и дијаспората која секое лето носи големи приливи на девизи во нашата економија“, вели Стефаноски но додава дека периодот од три месеци преку лето не е доволен за да се покријат трошоците за целата година во туристичко-угостителскиот сектор, па затоа повторно очекуваат финансиска поддршка од државата.
„Тешка зима ќе имаме сигурно, затоа што еве пандемијата си го прави своето како кај нас така и во нашето опкружување во околните држави и Европа. Државата беше партнер се надевам дека ќе биде партнер и во иднина и дека ќе го поддржи туристичкиот сектор се до опоравување и нормализација во туризмот“, вели Стефаноски.
Според претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, (ХОТАМ) Крсте Блажески сезоната 2021 ако се спореди со една од најдобрите во 2019 година е полоша, но во споредба со минатата е далеку подобра.
„Секако не смееме да заборавиме дека шест месеци бевме затворени и очигледно дека ќе се претрпат некакви загуби. Објектите и сместувачките капацитети кои работат само сезонски би имале позитивни резултати на крајот од годината додека сè што работи долгорочно ќе покажува загуби“, вели Блажески.
Ковид статистиката на зголемен број на заболени од коронавирусот се закана и за најавените конференции и семинари кои треба да се случуваат во наредниот период во Охрид и Струга. Поголем број од објектите планираат да стават и клуч на врата за време на зимскиот период.
„Очекуваме некаква помош од државата. Сите што имаат негативни бројки на крајот од годината ќе треба да добиваат некаква помош за која допрва треба да се решава“, вели Блажески.
С. ВРЕНЦОВСКА