Пијанистот со светска кариера Симон Трпчески на 7 октомври ја отвора новата концертна сезона на Филхармонијата. Маестро Трпчески вели дека изминатиов период е почесто дома, оти вели, така налагаат условите, а последен пат настапи во Скопје лани на Есенските музичките свечености и на Деновите на македонска музика.
„Природно чувство е да се носи еден поголем интензитет на емоција кога се свири дома и секогаш кога сум свирел дома, радоста била уште поголема. Дури и без човек да си ја оптоварува главата дека излегуваш на сцена, го дишеш истиот воздух од каде што доаѓаш, гледаш луѓе кои ти се блиски, и оние кои не ти се блиски, меѓутоа се твои, тука се Македонци од Македонија. Во секој случај, посебно е чувството“, рече виртуозот на денешната прес-конференција.
На новинарско прашање зошто после толку многу настапи во странство и одлични рецензии, проектот „Македонисимо“ инспириран од фолклорната музика не е изведен во Македонија, Трпчески кажа дека ниту една институција досега не се интересирала за промоција на проектот.
„Поминаа 5 години од светската премиера, имавме 20-тина настапи низ Европа. Јас сум секогаш позитивно настроен и не се откажувам туку така лесно. Верувам дека секоја институција си има свои планови и убедувања. Во секој случај има размислувања за презентација на ‘Македонисимо’ во Македoнија. Мислам дека тоа ќе се случеше многу порано, но за жал оваа ситуација нѐ оддолжи година, година и пол“, рече Трпчески.
Концертот „Данте 700“ за старт на сезоната насловена „Филхармонија во движење“ почнува во 20 часот, на програмата се две дела од Франц Лист, а ќе диригира Габриел Бебешелеа.
„Среќен сум што сум повторно тука, што се враќам со ваков исклучителен концерт со кој ја затвораме концертната серија која ја започнавме минатата година, која му е посветена на исклучителниот италијански писател Данте Алигиери и неговата ‘Божествена комедија’. Тоа што сум заедно на сцена со мојот долгогодишен пријател Симон Трпчески е исто така важно за мене, досега сме настапувале насекаде низ светот, но ова ни е прв заеднички настап во Македонија. Моите концерти оваа сезона во Филхармонија се на некаков начин врзани со времето, како тоа се отсликува на позитивен и на негативен начин. Таков ќе биде и проектот насловен ‘Време’ со кој ќе ја затвориме оваа концертна сезона“, рече Бебешелеа, кој е шеф-диригент на Филхармонија.
Трпчески додаде дека концерт се реализира на покана на диригентот со кого досега имале повеќе заеднички настапи во различни делови на светот, но ова им е прв во Македонија.
„Програмата на концертот ‘Данте’ е целосно изградена на опусот на Лист, неговиот Концерт бр. 2 е исклучителен како и целокупниот негов опус, има многу иновации во формата и во начинот на кој го претставува пијаното“, вели Трпчески.
Б. НЕСТОРОСКА