Русија донесе одлука да го протера вториот секретар во македонската амбасада во Москва, како реакција на протерувањето на руски дипломат од Македонија во август, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Во амбасадата останува да ги обавува своите обврски вршителот на работите, а наскоро ќе биде упатен и новиот амбасадор акредитиран за Руската Федерација кој ги помина сите чекори за упатување, велат од македонското МНР.
„Денешниот потег на руската страна е целосно неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите помеѓу двете земји. Ова претставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ. За претходното протерување на рускиот дипломат од Северна Македонија беа доставени докази за негово дејствување во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи“, објави македонското Министерство за надворешни работи.
Македонија досега имаше само двајца претставници во својата амбасада во Москва, а еден вработен беше протеран и во јуни годинава, како реципрочна мерка за протерувањето на руски дипломат.