ПРЕМИЕРАТА НА „ДУХ“ ВО ОХРИД ГИ СПОИ ОХРИДСКИТЕ АКТЕРИ СО ЈОВИЦА МИХАЈЛОВСКИ ОД СКОПЈЕ И ВЕРИЦА НЕДЕСКА ОД ПРАГА

    ПРЕМИЕРАТА НА „ДУХ“ ВО ОХРИД ГИ СПОИ ОХРИДСКИТЕ АКТЕРИ СО ЈОВИЦА МИХАЈЛОВСКИ ОД СКОПЈЕ И ВЕРИЦА НЕДЕСКА ОД ПРАГАЈовица Михајловски и Горан Стојаноски во сцена од „Дух“. (Фото: СДК.МК)

    Народниот театар од Охрид викендов премиерно ја изведе претставата „Дух“, работена според текст на Дејан Дуковски, а во режиja на Сашо Миленковски. Претставата ја отсликува потрагата по одговор на прашањето за тоа што се случува со обичниот човек кога ќе се помине прагот на толеранција, од разноразни криминални структури. Човек тогаш оди по пат и убива, што не е изненадувачки кога се работи за криминалци, но тоа да го прават обични луѓе?

    Идејата за спојување на охридската актерска екипа со веќе искусни, докажани и навистина посебни актери од надвор, Верица Недеска која е од Охрид, а живее во Прага и Јовица Михајловски од Драмскиот театар во Скопје, за публиката беше вистинско уживање.

    „Соработката со Охридскиот театар беше одлична, успеавме за месец дена да направиме одлична претстава. Сепак сметам сека на овој млад театар му е потребно и кадровско доекипирање како и подобрување на техничките услови“, вели Михајловски.

    Верица Недеска и Јовица Михајловски по премиерата во Охридскиот театар. (Фото: СДК.МК)

    Останатите улоги ги играа Горан Стојаноски, Стрезо Стаматовски, Биљана Билаловиќ-Вељаноска, Адријана Билаловиќ-Тодороска, Елизабета Стефановска, Павел Маслов, Филип Кипровски и Митко Серафимоски.

    Директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид Горан Симоноски, вели дека е задоволен од реакциите на публиката за самата изведба, но и од спојот со искусните актери кои, како што рече, направиле вистинско освежување врз театарското збиднување во Охрид.

    „Се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина“, вели Симоноски.

    Премиерната изведба на Малата сцена на Центарот за култура беше пред редуциран број гледачи поради протоколите за ковид-19. За актерот Михајловски, пандемиски услови не влијаат врз актерски можности и способности. Вели, играл на секакви сцени и во секакви услови, само не под вода.

    Ова е трета премиера за Охридскиот театар годинава, кој одбележува 10 години постоење.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира