Боемската улица во скопско Дебар Маало е претворена во паркинг. Поради градежни работи на улицата Орце Николов, Боемската улица е затворена за сообраќај, па коли се паркирани насекаде. Хаосот дополнително се зголеми вечерва поради фудбалскиот натпревар Македонија-Германија.
Во делот кај крстосницата со Орце Николов ставен е знак со кој се спречува движење, но таков знак нема на влезот со кој ќе се забрани влегување на возила. Низ целата улица има градежни материјали и опрема, а од паркираните коли нема простор за движење на пешаците.
Никаде нема пајак служба да ги подигне непрописно паркираните возила.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека бил поставен знак и на почетокот на улицата, но најверојатно некој го тргнал, па затоа возилата слободно си влегуваат и се паркираат.
Изградбата на Боемската улица во Дебар Маало чинеше 1.1 милион евра, но откако се пуштени обете улици, во 2014 односно 2016, тие се целосно узурпирани од колите и од кафеаните.
А. АНТЕВСКА