ПРИ ДЕМОЛИРАЊЕТО НА БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ НЕМАШЕ НАПАД ВРЗ ЛЕКАРИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ САШО СТОЈЧЕВ

    ПРИ ДЕМОЛИРАЊЕТО НА БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ НЕМАШЕ НАПАД ВРЗ ЛЕКАРИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ САШО СТОЈЧЕВ

    Триесетина лица ја демолирале вратата на ургентниот центар во Градската општа болница “8-ми септември“, превртеле дел од инвентарот и лековите, откако дежурните лекари им соопштиле дека пациентот кој итно бил донесен кај нив околу 18 часот, и покрај обидите да го реанимираат, починал. Тие го зеле телото на починатиот и заминале од болницата.

    Проф.Д-р Сашо Стојчев, директор на ГОБ“8-ми Септември“, вели дека екипите на Министерството за внатрешни работи се уште вршат увид по инцидентот, и дека во меѓувреме е контактиран член на семејството на починатиот, кој се извинил за нередот и се заблагодарил на лекарите што се обиделе да го спасат.

    “Се уште трае увидот. Искршена е вратата и превртени се дел од лековите и кантите. Апартите и другата опрема не се оштетени. Немало напад врз медицински лица, ниту пак има други повредени. Го зеле телото на починатиот и заминале во непознат правец“, вели Стојчев.

    Тој објаснува дека пациентот бил донесен со Брза Помош како итен случај, а дека претходно матичниот лекар кај кого се лекувал, најавил дека праќаат итен пациент.

    “Од она што ми го кажаа дежурните лекари, немало знаци на насилство врз пациентот, а тој е донесен во тешка состојба, со знаци на срцев удар. Четириест минути се обидувале да го реанимираат, но тој починал. Кога е донесен пациентот, низ главната рампа во болницата влегле десетина возила во кои имало луѓе, на кои кога им соопштиле лекарите дека починал, насилно влегле и го зеле телото“, вели Стојчев.

    Според податоците со кои располага болницата, починатиот пациент е роден 1970 година.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира