Државниот секретар на САД Ентони Блинкен и Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жосеп Борел велат дека пристапните преговори на ЕУ со Албанија и Северна Македонија треба да почнат веднаш, без одлагање, во заедничката изјава по нивната средба во Вашингтон.
„Ја потенцираме нашата целосна поддршка за процесот на проширување на ЕУ. Пристапувањето кон ЕУ, јасно изразен приоритет за целиот Западен Балкан, помага да се консолидираат демократските институции, да се заштитат основните права и да се унапреди владеењето на правото. Овој регион припаѓа во Европската унија. Поблиската интеграција ќе ја зајакне стабилноста и ќе придонесе за просперитет на луѓето од регионот. Во овој контекст, нагласуваме дека пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија треба да започнат без одлагање“, се вели во заедничката изјава на Блинкен и Борел, објавена од Стејт Департментот.