Американските хирурзи велат дека успешно пресадиле свински бубрег во човек, надевајќи се дека во иднина ова би можело да помогне да се надмине недостигот на органи за донирање.
Примателот на бубрегот бил клинички мртов и приклучен на апарати за одржување во живот, со никакви шанси за заздравување. Бубрегот дошол од свиња која била генетски модифицирана, со цел да се спречи органот да биде препознат како страно тело и да биде отфрлен.
Експертите велат дека ова е најнапредниот експеримент на ова поле досега. Слични тестови претходно се правени на примати, но не и на луѓе.
Користењето свињи за трансплантација не е нова идеја и свински срцеви залистоци веќе на широко се користат кај луѓето. Нивни органи исто така им одговараат на луѓето во поглед на големината.
Двочасовната операција била изведена во медицинскиот центар на Универзитетот во Њујорк, по што лекарите го набљудувале бубрегот два и пол дена.
„Бубрегот функционираше нормално, буквално како пресаден човечки бубрег и немаше назнаки за отфрлување“, изјави главниот истражувач на проектот Роберт Монтгомери.
Тој вели дека постои итна потреба од повеќе органи за донирање, но и признава дека неговата работа е контроверзна.