Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека нема потреба да се прогласи електроенергетска кризна состојба и дека до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата. Тој рече дека вториот блок на РЕК Битола веќе работи, а ќе се набави и мазут за да затреба вклучување во погон на ТЕЦ Неготино. Министерот се надева дека ќе биде успешен и тендерот за набавка на јаглен за потребите на третиот блок на РЕК Битола за да може да почне со работа за три до четири недели.
„Големи ценовни шокови нема да има и за тоа сум убеден. Ќе интервенираме секаде каде треба за да нема такви ценовни шокови. Не верувам дека ќе се доведеме во таква ситуација во јануари“, рече Бектеши на денешната прес-конференција по седницата на Комисијата за електроенергетска кризна состојба.
Но, тој кажа и дека отсега никој не може да гарантира дали ќе има зголемување на цената по Нова година, бидејќи се работи за светска криза која се рефлектира и врз нашата електроенергетска мрежа.
Кризна состојба во делот на енергетиката прогласува Владата на предлог на Комисијата за електроенергетска кризна состојба, со која раководи министерот за економија. Во случај доколку би се прогласила кризна состојба има сет на мерки од кои некои се т.н. меки мерки, а дел се мерки кои би ги донела Владата, како што е на пример мерката кога и колку да се користи уличното осветлување.
Комисијата за електроенергетска кризна состојба е составена од пет члена експерти, претставник од најголемиот производител на електрична енергија – АД ЕСМ, носителите на лиценца за производство на електрична енергија, за пренос – МЕПСО, за дистрибуција – ЕВН, Регулаторната комисија за енергетика и Министерството за економија.