Американскиот Стејт департмент го издаде првиот пасош кој ја содржи категоријата Икс за оние кои не сакаат да се изјаснат како машко или женско.
Властите во јуни објавија дека ќе им дозволат на граѓаните сами да ја изберат родовата категорија во пасошот и дека веќе нема да бараат медицинска потврда ако таа не се совпаѓа со родот наведен во другите лични документи.
„Како што беше најавено во јуни, Стејт департментот ја воведува категоријата Икс за небинарни, интерсексуални и родово неусогласени лица кои аплицираат за американски пасош. Тоа ја одразува посветеноста на Стејт департментот кон промовирањето на слободата, достоинството и еднаквоста на сите луѓе, вклучувајќи ги ЛГБТИ лицата“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
Опцијата за новата категорија ќе почне редовно да се нуди во апликациите за пасош во почетокот на следната година.
САД со ова им се придружуваат на Канада, Австралија и Нов Зеланд кои исто така нудат родово инклузивни пасоши.