Преговорите за формирање влада во Холандија влегоа во 226. ден и станаа најдолги во историјата на земјата, откако изборите на 17 март ја расцепкаа политичката карта и повеќе од кога било ги натераа партиите да не прифаќаат компромиси.
Формирањето коалициска влада во Холандија вообичаено трае со месеци, но оваа година преговорите особено се одолжија. Со месеци, партиите не успеаја да отидат подалеку од прашањето кој треба да седне на преговарачката маса.
„Ова е исклучително. Никогаш досега не сме виделе ситуација со месеци да нема вистински преговори после избори“, вели историчарката Карла фан Бален.
Разговорите запнаа набргу по изборите откако партиите се обидоа да ги поправат меѓусебните односи по неуспешното гласање за недоверба на премиерот Марк Руте. Четирите партии кои формираа влада по изборите во 2017 минатиот месец конечно се согласија да ја продолжат соработката, но оттогаш не е виден никаков напредок.
Немањето функционална влада не се одрази негативно врз холандската економија, која силно се поврати по падот во пандемијата и може да се пофали со една од најголемите стапки на раст во Европа.
Светскиот рекорд го држи Белгија, која во 2010-11 беше без влада 541 ден.