Струшкиот суд ја одложи главната расправа за судскиот процес за дислокација на дивата депонија сè до утврдување на стварна надлежност да постапува по тужбата на Македонското здружението на млади правници (МЗМП). Тужените, Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното претпријатие Комунално-Струга, бараат судот да се изјасни како ненадлежен за овој судски процес.
Правниците, пак, велат дека стварната надлежност е прашање кое судот го утврдува пред почетокот на судскиот процес.
По неколкуте неуспешни кривични пријави против непознат сторител, ова е прва граѓанска тужба за струшката депонија, a досега никој не е ни фатен ни казнет за палењата.
„Кога судот ќе ја прими тужбата, судот по службена должност одлучува дали е стварно надлежен или не. Така што, малку е чудно симптоматично што судот после 4-то рочиште за главна расправа одлучи да одлучува по ова прашање, иако наша претпоставка беше дека судот со неговото однесување веќе има донесено одлука по ваквите приговори“, вели Глигор Ќатоски, застапник на Здружението на млади правници.
Од Здружението на млади правници велат согласно позитивните прописи и Уставот, државата има обврска да обезбеди право на здрава животна средина.
„Да се дистанцираме од тоа каква одлука ќе донесе судот, но наша претпоставка е дека судот ќе донесе одлука заснована врз закон и во интерес на граѓаните во чие име ќе ја донесе таа одлука. Сега сме во ек на изборна кампања, слушаме од сите политички партии зелени агенди и право на животна средина, фокусирање на здрава животна средина и сето тоа на партиските говорници, а кога се работи за судската постапка гледаме противење, ја спорат тужбата“, додава Ќатоски.
Членовите на МЗМП бараат Основниот суд Струга да ги задолжи тужените да забранат понатамошно депонирање на било каков отпад на дивата депонија, да извршат деконтаминација и рекултиривање на просторот во и околу дивата депонија, да се изготви и реализира софистициран план за селектирање и рециклирање на отпадот на територијата на Општина Струга, како и да се зајакне капацитетот на инспекциските служби од областа на заштита на животната средина.
„Постоењето на една ваква депонија и сега и во иднина преставува сериозна опасност по здравјето и животот на луѓето, на животната средина и предложени се конкретни мерки за дислокација од местото каде се наоѓа“, вели адвокатот Ќатоски.
Според него, на годишно ниво во Општина Струга се одлага околу 40.000 тони отпад кој завршува на депонијата која е оддалечена само еден километар од градот, а институциите го игнорираат проблемот цели 15 години.
Судскиот процес за дислокација на дивата струшка депонија започна во април годинава.
С. ВРЕНЦОВСКА