Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави парламент во кој народот ќе има власт по изборите на 11 декември на денешниот конгрес на партијата на кој беа утврдени кандидатските листи на партијата и коалиционите партнери.
„Во името на раководството на СДСМ и во името на граѓаните на Македонија денеска од вас ја барам поддршката за сојузот на СДСМ и коалиционите партнери, со граѓаните да излезе заедно на изборите на 11 декември и заедно да ја донесеме историската победа на граѓанска Македонија. Имаме шанса да создадеме блескав парламент во кој народот ќе има власт. Тој парламент ќе избере чесна и одговорна влада на народот“, изјави Заев пред делегатите на конгресот во „Александар Палас“.
На денешниот конгрес, СДСМ ги утврди листите за пратеници за предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 11 декември. На листите за пратеници ги нема Горан Сугаревски, досегашниот координатор на пратеничката група на СДСМ, кој пред одржување на конгресот си замина со воз за Прилеп, досегашната пратеничка Софија Куновска, која си даде оставка на претседателската позиција на скопската организација, но остана на конгресот. На листите го нема и Марјанчо Николов и тој не беше на конгресот.
На кандидатските листи на СДСМ се најдоа Павле Богоевски, Ивана Туфегџиќ, Ферид Мухиќ, Ирена Стефковска и Ѓулмер Касапи, кои на списокот се претставени како претставници на Коалицијата со граѓаните.
Носители на листите на СДСМ се Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и Петре Шилегов.