На 6 ноември (сабота) во 12 часот, истекува рокот за аплицирање на Годишните конкурси на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 година, што годинава за првпат се одвиваат по електронски пат. Апликацијата автоматски ќе се затвори напладне.
Министерството, како и министерката за култура Ирена Стефоска, апелираат до културните институции и работници, од практични, технички причини, да не се чека последниот миг за поднесување на пријавите.
Годишните конкурси беа објавени на 4 октомври.
Во Министерството за култура досега стигнале 600 пријави, за разлика од лани, кога стигнале над шест илјади пријави.
Министерката за култура Ирена Стефоска, во најавата за онлајн аплицирањето на 4 октомври кажа дека до лани, секоја пријава поединечно рачно се заведувала во архивата. Секоја од тие 6.000 пријави рачно се проверувала дали е комплетна. Потоа, секоја од тие 6.000 пријави рачно се проверувала дали соодветствува на поставените услови по дејност и секоја пријава рачно се внесувала во компјутер.
„Така минуваа 60-ина дена само за таа процедура. Сега тоа е минато и е направено во полза, пред сè, на оние што конкурираат“, рече министерката.
Меѓу предностите на онлајн аплицирањето е и тоа дека се елиминира можноста за злоупотреба, односно да се менуваат или да се додаваат документи откако е завршено пријавувањето.
„Со тоа го елиминираме и секој сомнеж за евентуално коруптивно однесување при овој процес. Исто така, кога сме кај одговорното однесување, уште еден аргумент – електронската апликација освен што заштедува илјадници часови, заштедува и драгоцени 500 илјади листови хартија“, додаде Стефоска.
Б. НЕСТОРОСКА