За плус пет дена е продолжен рокот за поднесување на пријавите на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2022, вели министерката за култура Ирена Стефоска. Конкурсите беа распишани на 4 октомври, и наместо до 6 ноември, како што беше првично најавено, електронските пријави може да се испраќаат до 11 ноември, до 12 часот. Министерството за култура од годинава за првпат воведе електронска апликација за конкурирање.
„Продолжувањето на рокот е со цел да им се обезбеди подолг временски период на апликантите што имаат потреба од тоа зашто електронското поднесување на пријавите за сите нас е ново искуство и целиот процес мора да биде беспрекорно изведен“, вели Стефоска.
Пред распишувањето на Годишните конкурси беа одржани обуки за корисниците во центрите за култура низ државава и во Скопје. Од почетокот на Конкурсот, за техничка поддршка се отворени две телефонски линии на кои корисниците ги добиваат потребните информации, а консултации се вршат и преку електронската пошта по одделни дејности.
Стефоска, во најавата за онлајн аплицирањето на 4 октомври кажа дека лани стигнале 6 илјади пријави и секоја пријава поединечно рачно се заведувала во архивата. Секоја од тие 6.000 пријави рачно се проверувала дали е комплетна. Потоа, секоја од тие 6.000 пријави рачно се проверувала дали соодветствува на поставените услови по дејност и секоја пријава рачно се внесувала во компјутер.
„Така минуваа 60-ина дена само за таа процедура. Сега тоа е минато и е направено во полза, пред сè, на оние што конкурираат“, рече министерката.
Меѓу предностите на онлајн аплицирањето е и тоа дека се елиминира можноста за злоупотреба, односно да се менуваат или да се додаваат документи откако е завршено пријавувањето.
„Со тоа го елиминираме и секој сомнеж за евентуално коруптивно однесување при овој процес. Исто така, кога сме кај одговорното однесување, уште еден аргумент – електронската апликација освен што заштедува илјадници часови, заштедува и драгоцени 500 илјади листови хартија“, додаде Стефоска.
Б. НЕСТОРОСКА