Поранешниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески поднесе оставка на функцијата претседател на Надзорниот одбор на СДСМ поради неуспехот на локалните избори. Сугарески на овие локални избори беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Прилеп и загуби од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Борче Јовчески.
„Во знак на морална одговорност за неуспехот на локалните избори, како на локално така и на централно ниво, поднесувам оставка од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ. Извршувањето високи партиски и државни функции, покрај другото подразбира и одговорност кон граѓаните и членовите на нашата партија. Во таа насока, оставката претставува мој придонес за што побрза консолидација на партијата и што поскоро враќање на победничките патеки“, објави Сугарески на Фејсбук.
Освен министер и кандидат за градоначалник, Сугарески беше и директор на Царинската управа, како и пратеник во Собранието.
Вечерта на 31 октомври, по вториот круг од изборите, оставка најави Зоран Заев, како премиер и лидер на СДСМ.