ЧИСТ СУМ КАКО СОЛЗА, СМЕШНИ ВИ СЕ ПРАШАЊАТА, ИМ РЕЧЕ СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ НА НОВИНАРИТЕ ПО ОДЛОЖЕНОТО СУДЕЊЕ

    ЧИСТ СУМ КАКО СОЛЗА, СМЕШНИ ВИ СЕ ПРАШАЊАТА, ИМ РЕЧЕ СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ НА НОВИНАРИТЕ ПО ОДЛОЖЕНОТО СУДЕЊЕЈакимовски е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања додека претходно беше градоначалник на Карпош од 2011 до 2017 година. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски ги обвини новинарите дека „оркестрирано од еден центар“ дошле денеска на неговото судење, а неколку пати им одговори дека им се смешни прашањата за неговата одговорност за злоупотреба на над 700 илјади евра од општинскиот и државниот буџет.

    „Смешни ви се прашањата“, кажа неколку пати Јакимовски по прашањата за одолговлекувањето на судењето кое трае три години и дали ќе има време да присуствува на судењето и да ја обавува градоначалничката функција.

    Потоа, тој им забележа на новинарите зошто не доаѓале претходно на судењето.

    „Ова е срамота што го гледам пред мене. Очигледно, сите сте дошле оркестрирани од еден центар како медиуми. Сега очигледно некому тешко му паѓа победата што ја имам. Поштено и чесно сме работеле јас и моите вработени. Чисти сме како солза“, кажа Јакимовски, кој вчера ја презеде градоначалничката функција.

    Денешното судење беше одложено за 23 ноември, бидејќи адвокатот на Јакимовски имал контакт со заразени од ковид-19. Јакимовски е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања додека претходно беше градоначалник на Карпош од 2011 до 2017 година.

    Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) го осудија како „непримерен и омаловажувачки“ односот на Јакимовски кон новинарите при изјавата пред Кривичниот суд.

    ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека градоначалниците се избрани функционери кои се платени од страна на граѓаните и тие имаат обврска да негуваат професионален однос кон новинарите и медиумските работници со цел да даваат отчет за својата работа и во ниту еден случај лична пресметка на јавни настани не може да биде оправдана. ЗНМ и ССНМ ги упатуваат засегнатите политичари да имаат поголема култура во јавната комуникација и односот со медиумските работници бидејќи новинарите служат да ја информираат јавноста а не да задоволат нечии партиски очекувања.ЗНМ и ССНМ апелираат јавните личности, избраните функционери да се воздржат од изјави кои што на било кој начин може да се сфатат како етикетирање на новинарите, бидејќи тоа не е во духот на европските и демократските вредности“, соопшти ЗНМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира