Музичари од три континенти ќе настапат на јубилејното 20. издание на Офф-фест, кој почнува денеска и ќе има три програмски вечери до 13 ноември. Двојно помлад од Скопскиот џез фестивал, Офф-фест веќе две децении на Македонија ѝ ја открива „музиката на светот“, која оваа година доаѓа од Европа, Африка и Јужна Америка, но и од многу поблиску, од Битола.
Фестивалот ќе има невообичаено отворање, со проекцијата на документарниот филм „Уметноста на Амалија“ во кино Фросина (18 часот), посветен на легендарната португалска пејачка Амалија Родригес. Музичкиот стил што таа го прослави, фадо, целосно ќе биде во фокусот на првиот ден, а во живо ќе може да се чуе во Националната опера и балет од 20 часот, во изведба на португалско-шпанското дуо Лина и Раул Рефри.
Офф-фест потоа продолжува на 11 ноември, кога на програмата се настапите на словенечкото трио „Широм“, кое својот стил го опишува како имагинарен фолк и на бразилскиот гитарист Кико Динучи, кој ќе биде придружуван од пејачката Јусара Марсал.
На третиот ден на 13 ноември се концертите на Пијан Славеј, односно музичко-поетскиот соло проект на фронтменот на „Фолтин“ Бранислав Николов и на камерунскиот гитарист и вокалист Блик Баси.