Илон Маск продаде акции на „Тесла“ во вредност од пет милијарди долари, откако за тоа организираше гласање на Твитер. Пред неколку дена, тој побара од своите 63 милиони следбеници да се изјаснат дали да продаде 10% од своите акции во компанијата за да плати данок.
Вредноста на акциите на „Тесла“ падна за 16% во првите два дена по гласањето, но денеска повторно порасна.
„Тесла“ е највредната автомобилска компанија на светот, со проценета пазарна вредност од еден трилион (милион милијарди) долари. Во последната трансакција, Маск продал околу 4,6 милиони акции, чија вкупна вредност е 5,1 милијарда долари.
Повеќе од 3,5 милиони корисници на Твитер учествуваа во анкетата организирана од Маск и 58% од нив се изјаснија за продажба на акциите. Најбогатиот човек на светот претходно вети дека ќе ги почитува резултатите од гласањето, како одговор на „милијардерскиот данок“, предложен од американските демократи. Во саботата, Маск кажа дека нема земено плата и бонуси од ниедна своја компанија, па нема приходи за кои мора да плати данок.
„Јас имам само акции, па единствениот начин лично да платам данок е да продадам акции“, рече Маск.