НА СИГУРНО СУМ, ЌЕ ОДГОВОРАМ НА СИТЕ ПРАШАЊА ШТОМ ПОМИНАТ ЗАКАНИТЕ, КАЖА КАСТРИОТ РЕЏЕПИ ОД БЕСА ВО ВИДЕООБРАЌАЊЕ

    НА СИГУРНО СУМ, ЌЕ ОДГОВОРАМ НА СИТЕ ПРАШАЊА ШТОМ ПОМИНАТ ЗАКАНИТЕ, КАЖА КАСТРИОТ РЕЏЕПИ ОД БЕСА ВО ВИДЕООБРАЌАЊЕРеџепи денеска не дојде на седницата за гласање доверба на владата во Собранието и без него опозицијата нема кворум за воопшто да почне седницата. (Фото: Фејсбук)

    Пратеникот на Беса Кастриот Реџепи попладнево се обрати преку видео на Фејсбук и кажа дека е на сигурно и ќе одговори на сите прашања на медиумите откако ќе поминат ризиците кои доаѓаат како закани од некои негови сопартијци.

    Реџепи денеска не дојде на седницата за гласање доверба на владата во Собранието и без него опозицијата нема кворум за воопшто да почне седницата.

    „Стабилноста и безбедноста на државата, како и мирот и благосостојбата на нашиот народ мора да ни бидат најважни од сè. Билал Касами и другите,  да не се грижат за мене. Јас сум на сигурно, на вистинската страна, на страната на албанскиот народ и на страната на сите граѓани во Северна Македонија кои сакаат мир, стабилност и демократија. Јас сум со ЕУ и НАТО, а не со антиалбанците. Ви го зборувам ова со чиста совест, а штом ги одминам ризиците кои ми доаѓаат како закана од некои мои поединци, ќе одговарам и на сите прашања на медиумите. Дотогаш, да живеат слободата и демократијата. Да живеат Албанците, Македонците и сите други граѓани на Северна Македонија“, кажа Реџепи.

    Реџепи утринава, исто така на Фејсбук, напиша дека нема да гласа за паѓање на владата. Тој тогаш кажа дека одбрал да ѝ даде шанса на владата, бидејќи земјата во декември може добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, за што до него стигнале сигнали од странски дипломати.

    Лидерот на Беса Билал Касами денеска изјави дека сомнева дека Реџепи е држен против негова волја и дека тоа што го кажал, исто така, го кажал против неговата волја. Загриженост за безбедноста на Реџепи искажа и лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека не знае дали Реџепи е киднапиран или доброволно си заминал.

    Денеска во Собранието  е закажана седница за гласање доверба на владата на Зоран Заев.

    На иницијативата за гласање доверба пред три дена беа потпишани 61 пратеник, вклучувајќи го и Реџепи.

    Но, потоа се премисли Скендер Реџепи од Алтернатива, кој кажа дека не сака неговиот потпис да стои на ист список со Димитар Апасиев, по што вчера 17-мина пратеници, меѓу нив и лидерот на Левица, ги повлекоа потписите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира