Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ си замина до Собранието околу 21.30 часот, откако денеска не успеаја да обезбедат кворум за да се одржи гласањето доверба на владата. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски рече дека најдобро решение во моментов се предвремени избори во најкус можен рок.
„Имам јасна порака во име на целата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е дека најбрзото и наједноставното решение за излез од оваа политичка криза, а сега и безбедносна и здравствена и енергетска криза се брзи предвремени избори во најкус можен рок. Ова е неодржливо, власта од денес има 59 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и партнерите имаат 60 пратеници и имаме еден киднапиран пратеник. Сакам да им порачам дека нема потреба да го држат човекот до 12 часот, нека го ослободат, бидејќи ние си заминуваме“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
Претходно вечерва, лидерот на Левица Димитар Апасиев ја повика опозицијата да ги радикализира методите.
„Парализирана е парламентарната демократија, суспендирана е. Ситуацијата е опасна, граѓаните треба да ја сфатат сериозноста. Мислам дека оваа власт не паѓа со милум и дека треба радикализација на состојбата“, кажа Апасиев и додаде дека опозицијата треба да размисли за радикализацијата на методите, а тоа, според него, значи протести, блокади и парализа на Собранието.
Седницата за гласање доверба почна во 11 часот, но откако се утврди дека во салата се присутни 61 пратеник, сосе претседателот на Собранието Талат Џафери, тој си замина, па бројката на присутни пратеници остана 60, недоволно за кворум.
- НА СИГУРНО СУМ, ЌЕ ОДГОВОРАМ НА СИТЕ ПРАШАЊА ШТОМ ПОМИНАТ ЗАКАНИТЕ, КАЖА КАСТРИОТ РЕЏЕПИ ОД БЕСА ВО ВИДЕООБРАЌАЊЕ
- ВЛАДЕЈАЧКОТО МНОЗИНСТВО ЌЕ РАСТЕ И ЌЕ БИДЕ СООПШТЕНО УТРЕ, РЕЏЕПИ ИМАЛ ПРИТИСОЦИ ОД ТИЕ ШТО ГО БАРААТ, РЕЧЕ КООРДИНАТОРОТ НА СДСМ МИТРЕВСКИ
- НЕ МЕ ЧУДИ АКО ВЛАСТА СО ОВИЕ МЕТОДИ НАПРАВИ И ПОГОЛЕМО МНОЗИНСТВО, РЕЧЕ МИЦКОСКИ
Иницијативата за гласање доверба на владата ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ пред три дена, а првично на иницијативата беа потпишани 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица.
Но, пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи во меѓувреме побара неговиот потпис да не стои на ист список со потписот на Димитар Апасиев, па вчера 17-мина пратеници, вклучувајќи го и лидерот на Левица ги повлекоа потписите од иницијативата.
Од првично потпишаните 61 пратеник, денеска на седницата во Собранието не дојде Кастриот Реџепи од Беса и без него опозицијата немаше кворум. Опозицијата обвини дека тој е киднапиран, а тој во видеообраќање преку Фејсбук рече дека е на безбедно и дека ќе одговори на сите прашања кога ќе поминат заканите.