УШТЕ НЕ ЗАКРЕПНАЛЕ ОД КОРОНАКРИЗАТА ИМ СЕ ЗАКАНУВА ЕНЕРГЕТСКАТА, ХОТЕЛИЕРИТЕ БАРААТ ВЛАДИНА ПОМОШ  И УСЛОВИ ЗА АЛТЕРНАТИВНИ НАЧИНИ ЗА ЕНЕРГИЈА

    УШТЕ НЕ ЗАКРЕПНАЛЕ ОД КОРОНАКРИЗАТА ИМ СЕ ЗАКАНУВА ЕНЕРГЕТСКАТА, ХОТЕЛИЕРИТЕ БАРААТ ВЛАДИНА ПОМОШ  И УСЛОВИ ЗА АЛТЕРНАТИВНИ НАЧИНИ ЗА ЕНЕРГИЈАОд ХОТАМ стравуваат дека најавеното покачување на електричната енергија и можните рестрикции ќе бидат голем удар врз хотелскиот сектор. (Фото: СДК.МК)

    По коронакризата на хотелиерите од охридско-струшката ривиера закана им претставува и енергетската криза која според претседателот на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ), Крсте Блажески, ќе стави клуч и на малкуте отворени објекти долж Охридското езеро.

    Од ХОТАМ стравуваат дека најавеното покачување на електричната енергија и можните рестрикции ќе бидат голем удар врз хотелскиот сектор. Велат дека се погодени од криза која во ниту еден план не ја предвиделе,но очекуваат државна помош во спротивно велат туризмот ќе претрпи досега невидени штети.

    „Секоја криза се одразува негативно. Сега е момент да видиме колку тоа ќе се одрази во овие зимски месеци, колку самите хотели би можеле да направат за да излезе нешто позитивно во оваа цела ситуација во која се наоѓаме. Не може да кажеме за среќа немаме гости во овој период. Тоа не е среќа туку несреќа. Очекуваме било каква помош за да се преживее во овие моменти оти и оваа енергетска криза е само дел од кризите кои ги трпиме. Во ниту еден план не предвидовме дека ќе имаме енергетска криза и дека може да се очекуваат енормни поскапувања во следните месеци“, вели Блажески.

    Од ХОТАМ велат итно треба да се размислува за алтернативни енергетски решенија, како сончеви колектори и фотоволтаични системи за хотелите во Охридско- струшкиот регион.

    Блажески смета дека се потребни субвенции од државата и да се искористуваат поволните кредити кои се даваат за таа намена, да се направи детален план за да се искористат над 300 сончеви денови кои ги имаме.

    „Во Охридско-струшкиот крај имаме многу денови сончеви, многу неискористени капацитети за производство на струја. Секогаш кога ќе ни се случи некоја криза размислуваме за инвестиции во тој дел, во случајов да инвестираме во сончева енергија која би можела да ги задоволи потребите барем за околу 40 до 50 проценти од енергијата“, додава Блажески.

    Мал број хотели произведуваат струја користејќи ја сончевата енергија или вкупно помалку од еден мегават. Дел користат нафта и пeлети, но иднина гледаат во префрлање на топлински пумпи кои даваат повисока ефикасност.

    „Тој тренд би требало да продолжи и за 10 години Охрид и Струга да прераснат во зелени градови користејќи енергија без загадување. Тоа е нашата иднина“, велат од ХОТАМ.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира