МИНИСТЕРОТ ХОЏА И ДВАЈЦАТА ЗАМЕНИЦИ МИНИСТРИ ОД БЕСА ПОДНЕСОА ОСТАВКИ

    МИНИСТЕРОТ ХОЏА И ДВАЈЦАТА ЗАМЕНИЦИ МИНИСТРИ ОД БЕСА ПОДНЕСОА ОСТАВКИОд владата си заминуваат министерот Хоџа и двајца заменици министри од Беса. (Фото: К. Попов)

    Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа од Беса, денеска поднесе оставка, а од функцијата си заминуваат и неговите сопартијци, заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани и заменик-министерот за култура Седат Сулејмани.

    Беса, иако дел од власта, беше дел од иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за уривање на владата, но токму нивниот пратеник Кастриот Реџепи не дојде на вчерашната седница за гласање доверба во Собранието, па немаше кворум за седницата воопшто да почне.

    Хоџа денеска пред Владата рече дека оставката ја поднесува како морален чин. Тој ја нападна ДУИ и го обвини досегашниот коалиционен партнер за манипулативни методи.

    „Поради нарушување на демократијата на локалните избори од страна на дел на оваа Влада на чело со вицепремиерот од ДУИ каде беше повредено правото на демократијата со манипулативни методи и за жал тоа продолжи и во текот на вчерашниот ден кој беше најсрамниот ден за нашата демократија. Затоа поднесувам оставка од функцијата министер заедно со двајцата заменици министри бидејќи не можеме да го идентификуваме нашето политичко дејствување како Движење Беса со коалиционен партнер за кој јасно се гледа дека го користи секое недемократско дејствување со единствена цел да остане на власт. Ако во 2016 година беше соборен режим, а другиот дел од режимот не беше соборен, туку доби шанса да се реформира, денес после пет години, се докажа дека не само што не се реформирани, туку ги усовршиле своите методи на класичен режим“, изјави Хоџа.

    За Реџепи, Хоџа рече дека постапил спротивно на одлуката на органите на партијата и сигурно ќе има мерки против него.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира