Ослободителна пресуда за полицаецот Гоце Петковски од СВР-Битола денес побараа полицискиот синдикат и граѓанската иницијатива за поддршка на полицискиот службеник, организирајќи протестен марш низ Широк Сокак до судовите во Битола.
За нив, казната што Основниот кривичен суд од Скопје му ја изрече на полицаецот од Битола, една година затвор, поради инцидентот со припадник на ромската заедница од септември минатата година, е неправедна и драконска.
„Ова е предупредување да размислат судиите како ќе судат, бидејќи ги претераа сите мерки, ги пречекорија сите норми. Не може некој за убиство на човек да биде осуден 6 или 7 месеци, а некој поради ништо на една година затвор. Во Битола се обединуваат сите синдикати и отпочнуваме една сериозна синдикална битка зашто ни е дојдено преку глава“, рече Гоце Делчев Тодев, претседател на Независниот синдикат на полицијата.
Со првостепена судска пресуда Петковски е осуден на година дена затвор за малтретирање во вршење на службата откако во септември лани на социјалните мрежи беа објавени снимки на кои тој применува физичка сила врз Ром од Битола кој под дејство на алкохол претходно со возило удри во бандера во близина на битолската пошта.
Според Никола Кирковски, претседател на Синдикатот на полицијата, судот не ги зел предвид сите докази кои се во полза на полицаецот на кого наводно оштетениот му се заканувал и го нападнал.
„Дали за судот е доказ за изрекување на ваква драконска казна напад на полициски службеник пред очите на Гоце Петковски? Дали за судот е доказ заканата по живот упатена кон полицискиот службеник од страна на наводно оштетениот? Физичкиот напад врз медицинско лице доктор повикан на лице место? Дали за судот е доказ нападот лично кон Гоце од страна на наводно оштетениот? Насилното одземање на гумена палка од појасот на Гоце од страна на наводно оштетениот? Дали е доказ кога со неа го нападна Гоце и со тоа се створиле услови за користење на физичка сила предвидена со уредба за употреба на средства за присилба? Дали е доказ дека покрај обидите на Гоце да му ја одземе гумената палка, тој дал активен отпор и продолжил со удари кон полицискиот службеник“, рече Кирковски, додавајќи дека судот одлучил во корист на оштетениот кој немал ни лекарско уверение за нанесени повреди.
Горан Ристевски од Незвисниот синдикат на затворска полиција и администрација рече дека од понеделник ќе поднесат барање за измени и дополнувања на Законот за кривична постапка за полициските лица вработени во МВР и затворите да не се гонат како за организиран криминал.
Во судската пресуда пак стои дека тоа што лицето било пијано и агресивно не претставува оправдување за преземање дејствија од страна на обвинетиот и не е основ за негово ослободување од кривична одговорност.
Ж. ЗДРАВКОВСКА