Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој го освои вториот мандат како независен кандидат, деградирал 20 вработени во општината само затоа што се истакнати членови на СДСМ,обвини пратеникот Мартин Костовски денеска на прес-конференција.
Градоначалникот Димитриевски одговори дека станува збор за девет решенија како дел од процес на реорганизација на општинската администрација што е целосно согласно законот.
Костовски вели дека Димитриевски уште во првите денови на вториот мандат започнал со одмазда кон своите политички неистомисленици и над 20 вработени лица во Општина Куманово овие денови се распределени на пониски позиции или се преместени да работат на други работни места.
„Причината за преместувањата и деградирањата е само тоа што овие луѓе се истакнати активисти и членови на СДСМ. Ова е класичен политички реваншизам и самоволие на градоначалникот Димитриевски, постапка која потсетува на едни режимски времиња. Со ваквите постапки се покажа недемократското и неодговорно лице на Максим Димитриевски кој решил заради лични каприци, да се пресметува и казнува луѓе кои со години и децении работат во општината. Јасно ни е дека Димитриевски ќе продолжи со притисоците, но и нему треба да му биде јасно дека со ваквиот однос нема да исплаши никого“, вели Костовски.
Тој апелираше до сите вработени кои се под притисок на Димитриевски, да пријават во СДСМ, а тие ќе сторат се за да ги заштитат од закани, притисоци и уцени од градоначалникот.
Димитриевски, пак, вели дека ниту еден административен службеник не е деградиран, туку напротив, се прави прераспределба по хоризонтала, што е целосно согласно Законот за административните службеници, а е со цел да се реализираат дури и спроведените унапредувања на службеници, а не уназадувања.
„Не е точна изнесената информација дека во Општина Куманово се преместени дваесетина службеници на пониски работни позиции, или како е кажано – деградирани, а уште помалку дека некој на вработените им вршел притисок. Не се точни ниту тврдењата во однос на бројот на доставени решенија. Станува збор за девет решенија, а овој процес на реорганизација на општинската администрација што е целосно согласно законот, која ќе продолжи и во иднина, сѐ со цел максимално да се подобри работата на институцијата, која претставува сервис на граѓаните“, одговори Димитриевски и ги повикува сите службеници доколку некој им вршел партиски или каков било друг вид на притисок, веднаш да го пријават до државните органи.
С. НИКОЛИЌ